Сте се запрашале ли зошто никогаш не се случило да отидете во банка и да ви кажат дека не можете да добиете кредит од причина што немаат доволно пари и оти морате да почекате некој да ги орочи своите средства, па да можат да ви одобрат кредит?
Понуда и побарувачка
Финансискиот пазар уште од почетоците се темели на понудата и побарувачката. Работењето на денешните банки се темели на собирање депозити, односно вишок парични средства на граѓаните, претпријатијата и другите субјекти. Така, собраните депозити претставуваат обврска на банката во нејзината пасива и еден дел од средствата мораат да се издвојат за задолжителната резерва и резерва за ликвидноста (што ги пропишува НБРМ) за да може да ги извршува своите обврски, а другиот дел од средствата може да ги пласира како кредити на своите клиенти или како некоја друга инвестиција.
Заблуда е дека банките профитабилноста ја темелат на различни пасивни (камати од примените депозити) и активни (каматите од дадените кредити) каматни стапки, притоа мислејќи дека банката од примениот депозит, да речеме, од 10.000 денари, одобрува кредит во ист или помал износ. Тоа не е ни приближно точно.
Сликовито
Ако банката собере 10.000 денари депозит и ако издвои 2.000 денари за задолжителната резерва и 1.000 денари за резервата за ликвидност и остануваат уште 7.000 денари за кредитна активност и тоа е нејзиниот моментален кредитен потенцијал. Ако претпоставиме дека банката ќе успее да ги пласира сите 7.000 денари во облик на кредит, еден дел од одобрениот пласман ќе се врати или остане во банката на сопствената сметка (стапка на задржување на средствата во банката) и ако претпоставиме дека од првобитниот одобрен кредит, 3.000 денари ќе се вратат во банката, тие претставуваат нов депозит и нова база за следниот кредит. На тој начин банката ја мултиплицира вредноста на еден депозит и врши кредитна експанзија. Да не заборавиме дека ова е пример на една банка каде што се претпоставува дека 3.000 денари ќе останат, односно ќе се вратат во банката, а другите 4.000 денари можат да дојдат како депозит во друга банка, што исто така издвојува средства за задолжителна резерва и резерва за ликвидност, а остатокот го пласира како кредит и така синџирот продолжува.
На тој начин доаѓаме до таканаречената макромултипликација, односно експанзија на кредитите на разни банки што пресметуваат и камата на секој износ. НБРМ, како регулатор на монетарната политика, посветува голема важност на овој процес, бидејќи помала стапка на задолжителна резерва и резерва за ликвидност значат и поголем потенцијал на банките да издаваат кредити и со тоа може да дојде до повисока инфлација, односно поскапување на производите.