Многумина се интересираат за Берзата, за тргувањето со хартии од вредност, со можноста да се заработи на овој начин. Малкумина се осмелуваат, откако ќе ги согледаат состојбите на пазарот за хартии од вредност, да вложат сопствени пари. Тоа е така, бидејќи не треба да сте одличен познавач на состојбите за да сфатите дека, како мал, единечен, недоволно финансиски моќен инвеститор, вашите шанси да заработите големи пари се минимални. Ситуацијата е таква, бидејќи малите или малцинските акционери не се моќни да влијаат во одлуките на менаџерските тимови на големите компании. Затоа, кај нас почнува да се заговара здружување на
малцинските акционери.
Оваа идеја не е нова, во светски рамки функционира одлично. Во Македонија за првпат се заговара здружување на малцинските акционери со цел да си ги остварат сопствените права. Идејата беше изнесена неодамна од еден од најдобрите македонски инвестициски фондови. Нејзината разработка нè доведува до заклучокот дека преку инвестициски експерти или менаџери за финансии, малцинските акционери ќе имаат можност да учествуваат во работата и во носењето одлуки во компаниите каде што имаат или поседуваат хартии од вредност. Во Македонија исплатувањето дивиденди е реткост. Најчесто, добивката се реинвестира или се дели во форма на бонуси. За да се смени оваа практика, малцинските акционери мораат здружено да ги застапуваат сопствените права во работењето на овие компании.
Идејата е со здружување или со препуштање на раководењето со хартиите од вредност на инвестициски фонд, тој всушност да има поголем удел во капиталот на компанијата. Така здружени, акционерите можат преку инвестицискиот фонд да назначат свој претставник, кој ќе ја надгледува работата на компанијата чиишто акционери се, и ќе одлучува како рамноправен член за нејзиниот развиток, напредок, соработка, делење на добивката. Со давањето на управување на вашите акции на фондот, вие само му давате право да ве застапува, нормално за определен надомест, а не му ги препишувате вашите акции или други видови хартии од вредност. На крајот, добивката или полезноста што ќе ја извлече вашиот претставник од компанијата за вас, останува само ваша, а на фондот му испраќате определен надомест. Дали тој ќе биде однапред определен или ќе биде договорен, зависи од политиката на раководење на инвестицискиот фонд. Јасно е дека ваков начин за окрупнување на малцинските акционери може да биде од полза за сите.
Повеќе содржини од „Многу Пари“ од денеска - ТУКА.