Парите се прават доколку имате правилен став во однос на себе и на околината. Луѓето ве перципираат и реагираат на вас. Создавањето на финансиите лежи во човечките особини и токму затоа во своите колумни се осврнувам на нив. Останува на тебе, драг читателу, да ја извлечеш суштината!
Го прочитавте насловот и првата мисла ви е секако фамозно вкусниот и популарен топло-ладен колач? Чоколаден мафин и топка сладолед од ванила... мафинот пресечен на половина се разлева кон топката сладолед. Спротивности што се привлекуваат. Јас ретко го уживам ова задоволство зашто и на помислата на него добивам 300 непосакувани грама на некое критично место на телото. Затоа, веднаш задоволството го мерам во минутажа на орбитрек. По кратка борба со себеси по којзнае кој пат доаѓам до заклучок: „Не, не, не се исплатува“.
Ова со спротивностите, привлекувањето и дозирањето мене ми е многу интересен феномен за кој често слушам, а во последно време многу често размислувам. На пример, кога ќе слушнам дека некоја од другарките се вљубила во момче што го знаела отсекогаш и никогаш не помислувала на него на тој начин. Во минатото момчево не задоволувало одредени критериуми што таа си ги поставила и одеднаш заинтересирана е за него до бескрај. Се свртело сè во корист на другата страна. Убав пример за неочекуван пресврт е почетокот на нова кариера, ново работно место за кое не сте поминале години во студирање ви се чини како остварување на вашиот сон.
Топло-ладно, минус и плус, горе и долу, лево и десно. Вечните опоненти што никако не би требало да се спојуваат, а сепак најчесто ги даваат совршените комбинации... на храна, на бои, на личности... Ситуации...
Некогаш сме толку сигурни дека знаеме сè и уште похрабро дека можеме сè. Испит... теоретски одиш делумно подготвен, но решен си дека ќе положиш... испитните прашањата се токму тие што си ги знаел, професорката излегла на момент, па си ѕирнал во белешките. Сè е во игра. Важно е да победиш-положиш. Или - за испитот се подготвуваш со месеци, недели (во овој случај да си бидете сигурни дека не ви треба среќа, затоа што доколку навистина сте се подготвиле, ќе си положите без проблем).
Дали спротивностите навистина се привлекуваат? Дали, во суштина, е добро спротивностите да се привлекуваат?
Многу истражувања и статистики на кои имам налетано и ги имам прочитано велат дека различностите во партнерите се клуч на долготрајната среќа. Други податоци велат дека доколку се работи за карактерот на партнерите кои ги одбираме, најчесто бараме тие да имаат слични карактерни особини со нас. Во природата на човекот е да биде љубопитен и да бидеме привлечени од некоја непозната карактерна особина. Според мене, најважен е пристапот кон новото - истражувањето.
Е, тука е најважно да знаеме каде одиме и што сакаме да постигнеме. Затоа се потпираме на сопствените искуства од минатото, на примерите што сме ги виделе, на советите што ќе ги слушнеме од најблиските. Дозирањето во одредени ситуации не е ништо страшно, напротив многу е умно и препорачливо. Во дијалозите со околината треба знаеме кога да го зачиниме муабетот со некоја дополнителна информација или да ја премолчиме.
Дозирајте, истражувајте, привлекувајте, дозволете да бидете привлечени
Можеби нема секогаш да бидете победници во очите на другите, но за себе ќе знаете дека сте се обиделе, а храброста е победа сама по себе. Да се навратам на мојата калкулација со топло-ладниот колач, зашто сè уште не ми излегува од глава. Ако го поделам со некого, тогаш тоа е двојно помалку калори, нели? И двојно поголемо задоволство дека сум го поделила со некој важен, нели?
Повеќе содржини од денеска - ТУКА.