Претходната година двата
приватни пензиски фонда завршија со актива од 260 милиони евра. Тоа значи дека на крајот од 2011 година приватните пензиски фондови што управуваат со средства на осигурениците од вториот задолжителен пензиски столб и третиот доброволен пензиски столб, располагале со вкупно 260 милиони евра. Ситуацијата по првиот месец во 2012 година е уште подобра.
Според податоците објавени од Агенцијата за супервизија на пензиското осигурување (МАПАС), во јануари 2012 година нето-активата на овие два фонда се зголемила за 3,4 отсто. Овој пораст е сосем солиден за еден месец, особено што податоците говорат дека има растење во третиот доброволен столб. Порастот од 3,4 во реалноста изнесува околу девет милиони евра, нови средства со кои ќе управуваат приватните пензиски фондови. Со овој пораст целокупните
средства со кои тие управуваат се 269 милиони евра или 16,55 милијарди денари. Солидно, постојано се зголемува оваа бројка, што само нè носи на заклучокот дека реформата во пензискиот систем постепено ги дава очекуваните
резултати.
Според Агенцијата за супервизија на пензиското осигурување (МАПАС), КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд (КБП) е на прво место со нето-актива од 8,08 милијарди денари, потоа следи НЛБ Нов пензиски фонд (НЛБ) со 7,67 милијарди денари. Во услови кога постојат само овие два фонда, добро е што имаме конкуренција, но исто така добро е што разликата во вкупната бројка на управување со средства не е голема помеѓу двата фонда.
КБП на крајот од јануари имаше 157.290 осигуреници, споредено со НЛБ, кој имаше 141.227. Оваа бројка е добиена како збир на поединечни осигуреници во задолжителниот и доброволниот столб, како и од осигуреници во дел од пензиските шеми што се во состав на доброволниот столб на пензискиот систем.
Битно за граѓаните е податокот дека КБП е во сопственост на словенечката „Скупина Прва“, со 51 отсто, и на „Комерцијална банка“ од Скопје, која поседува 49 отсто од фондот, додека НЛБ е во сопственост на словенечката „Нова љубљанска банка“, која поседува 51 отсто, а НЛБ Тутунска банка поседува 49 отсто од фондот.
Повеќе содржини од „Многу Пари“ од денеска - ТУКА.