Грците ја мразат, Французите ја обожаваат, Германците не се рамнодушни. Модерната Маргарет Тачер, како што ја нарекуваат
Ангела Меркел, канцеларот на Германија е олицетворение на моќта, храброста, решителноста, одлучноста. Денес, од неа зависи економската политика на Европската унија, опстанокот на единствената европска валута – еврото, развитокот и благосостојбата на целокупната унија. Кога сонот за обединета Европа наиде на својата прва поголема пречка што му се заканува со уништување, европскиот „маж“ за одлуки се вика Меркел.
Влегувајќи во политиката дури на 35 години, Меркел суптилно се искачува кон врвот, без да работи никому зад грб. Искористувајќи ја приликата, се пробива кон врвот, за денес, според „Форбс“, да биде најмоќната жена во светот. Цинична, одлучна, со насмевка што ништо нема да ви открие, „новата девојка“ во европската политика стана лидер на економските реформи. Туркајќи ги реформите со помош на своите економски министри, направи техничка влада среде Атина и успеа
Грците да ги натера на реформи многу побрзо отколку што можеше да се претпостави. Успеа да го одржи стабилно еврото, дури да овозможи и негов пораст. Ги издржа сите глупости на Берлускони, а многу близу е да успее да му овозможи нов мандат на Саркози, со оглед на тоа што го поддржува, а Французите безрезервно ѝ веруваат. Сите останати успеа да ги маргинализира, па дури и една Велика Британија. Такво влијание на еден политичар одамна не е забележано.
Мајка, сопруга, домаќинка, плени со стабилноста, умереноста во настапите, ладноста со која ги прифаќа настаните и случувањата. Да не беше Ангела, крајот на Европа како заедница одамна ќе беше загарантиран. Џорџ Сорос изјави дека Меркел ја води Европа во погрешна насока, но и покрај сите критики, упорноста да се спроведат неопходните реформи ја прават еден од најупорните политичари. Импозантно е познавањето на Меркел на економските состојби, наоѓањето решенија за проблемите и нивното туркање напред. Сигурно ќе остане политичар кој има влијание во Европа, особено на економски план. Ако Мерил Стрип ја одглуми Тачер, кој ли еден ден ќе се појави на филмското платно како Ангела Меркел?
Повеќе содржини од „Многу Пари“ од денеска - ТУКА.