Во 7:00 сепак е алармот. Ајде насмевка, испеглана кошула и позитивна мисла, зашто во наредните 20 минути пат до работа сигурно ќе ми треба многу среќа... да го преживеам скопскиот сообраќаен „шпиц“. (По)гласната музика во мојов автомобил секогаш помага да се расположам, но одмага кога треба да го слушнам мобилниот како ѕвони... „Да, јас сум... Се разбира... ќе Ве побарам да Ви одговорам само да го прочитам мејлот...“ Работно време од 8:30, моето почнало многу порано... 100 мејла од минатите 12 часа. Чај од нане, насмевки за колегите и here we gooo.
Убавината на предизвиците е чувството кога ги надминуваш и кога со нетрпение го очекуваш следниот. А тие постојано доаѓаат, во форма на телефонски повик, во форма на е-пошта, во форма на ставка од роковникот запишана претходниот ден или денеска. Најдоцна денеска... сè е итно (за вчера) или во најпосакуван случај за денеска во првиот дел на денот.
Помеѓу првиот и вториот дел од денот пауза... 60 минути на кои би сакала денеска посебно да се осврнам и да Ви кажам што претставуваат тие за мене, вработена жена со работно време од девет часа, мајка, другарка, колешка... Нови чевли, фармерки, кошула... ред во банката за да платам сметки, посета на заболекар, регистрација на автомобил, возење до дома кога ќе го заборавам мобилниот (да, да), билети за концерт, роденденски подароци за многубројните пријатели...
Мојот фамозен еден час пауза некогаш знаат да бидат многу, многу поубави. Ручек со моите блиски... кафе на сонце, тотално опуштање (кој, каде, зошто, како). Другарките, блиските, најчесто ги оставам да го продолжат уживањето без мене, а јас се враќам на мојот втор дел од работниот ден. Во убавата канцеларија од која убаво се гледа градот. Мојата канцеларија полна со убави и умни луѓе. Мојата движечка сила, нивната благодарност во форма на насмевки, испратен мејл со детален опис на мојот придонес за успешноста на нивниот целокупен настан/проект/обука. Среќа и задоволство на двете страни.
Добрите раководители и шефови знаат дека мотивацијата е клучен фактор за минимизирање на стресот и максимирање на задоволството што вработените го имаат по комплетирањето на работната задача. Мотивираниот вработен секогаш успева да најде дополнително време, дополнителни ресурси за да ѝ одговори на задачата и да ја комплетира... успешно. Мотивирајте ги своите вработени. Тие со нетрпение ќе го чекаат следниот предизвик. Крај на работниот ден.
Мојот најголем мотив ме чека дома, да се вратам и да ми каже како поминала на училиште. Брзам... ме чека ќерка ми.
Изнесените ставови се на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на ИФЦ.
Повеќе содржини од денеска > ТУКА.