Последните податоци од автомобилската индустрија во Европа говорат дека, додека на Германците им оди добро, останатиот дел од европскиот пазар едвај се бори за опстанок. Минатата година, германскиот домашен пазар бележи пораст од девет проценти, додека во Франција има пад од два процента, Италија 11 проценти и дури 18 проценти во Шпанија. Љубителите на европските марки низ светот не сакаат автомобили со „половина“ квалитет, па затоа „не-премиум“ европските марки се во криза – францускиот „Пежо-Цитроен“, италијанскиот „Фиат“ и германскиот „Опел“ бележат сериозни падови.
За да застанат на нозе, колку-толку, ваквите брендови нудат привлечни попусти, 20, па дури и 30 проценти. Подобро не е ниту во Велика Британија – таму се забележува пад од четири проценти. Но, земајќи предвид дека повеќето нивни автомобилски марки се во сопственост на странски компании, тие „уживаат“ во бумот на извоз. На 15 февруари, „Пежо-Цитроен“ изјавија дека минатата година забележале загуба од 92 милиони евра, додека оваа бројка кај „Фиат“ изнесува 500 милиони евра во Европа.
Минатата година во ЕУ се регистрирани 13 милиони нови автомобили, бројка што го враќа европскиот автомобилски пазар на состојбата од 1997 година. А, оваа година се прогнозира дополнителен пад – веќе петта година по ред: „Пежо-Цитроен“ предвидува пад од пет проценти во Европа и десет проценти во Франција.
Од друга страна, „Пежо“, „Фиат“ и „Опел“ се соочуваат со голема конкуренција од источните производители, особено со јужнокорејските „Хјундаи“ и „Киа“, кои непрекинато градат фабрики во Европа – Чешка и Словачка, а истовремено увезуваат евтини, а убави автомобили од матичните земји. Дури и европските компании признаваат дека производството надвор од Европа е поевтино од производството во европските капацитети. На пример, директорот на „Рено“ изјави дека е за 1.300 евра поевтино да се направи едно „Рено Клио“ во фабриката во Турција, отколку во Франција. Затоа, овие производители се соочуваат со дополнителни трошоци од преместување на нивните фабрики во другите земји каде што е значително поевтино.
Овие производители веќе се загрозени и во нискиот сегмент, бидејќи германските производители ги проширија своите понуди и сега нудат поевтини, но квалитетни автомобили наменети за пониски класи: „БМВ серија 1“, „Мерцедес А класа“ и „Ауди А1“. Едно од можните решенија е да се намалат капацитетите – да се затворат фабриките. Но, тоа ќе ги чини прескапо. Се проценува дека ако „Џенерал моторс“ целосно го затвори „Опел-Воксхол“, ќе отпушти 40.000 работници, тоа е околу 200.000 долари по фабрика или огромни осум милијарди долари.
Друго решение што производителите во Европа го испробуваат во моментов е да се концентрираат на луксузот – поскапи, но мали автомобили – како што се новиот „Фиат 500Л Минивен“, со надеж дека ќе им се доближат на германските производители во „премиум“ класата. Но, одењето по оваа патека може да биде тешко и болно, на „Ауди“ му требаа 20 години за да го постигне тоа. А, „Опел“, „Пежо“ и „Фиат“ немаат толку време на располагање.
Повеќе содржини од „Многу Пари“ од денеска - ТУКА.