Според предвидувањата на извршниот директор на најголемиот светски независен трговец со нафта „Витола“, Јан Тејлор, истакнати во интервју за британскиот дневен весник „Фајненшал тајмс“, до крајот на годината цената на
нафтата би требало да се задржи на моменталното ниво, но поради неколку геополитички ризици, особено на Блискиот Исток, што ги креираат потенцијалните пазарни ризици, таа може да надмине 150 долари за барел. Доколку се случи, тоа ќе биде повторување на историјата од нафтената криза, кога нафтата во еден момент се тргуваше за околу 160 долари за барел.
Суровата „брент“ нафта минатата година се продаваше за просечни 109 долари за барел, што беше една од највисоките цени на нафтата во поновата историја, споредено со максималните 98,4 долари за барел од 2008 година. Но, во понеделникот, на глобално ниво, „брент“ нафтата се продаваше за 121,15 долари за барел, пред сè поради политичките тензии во Судан, Јемен, Сирија и Либан, како и поради стравот од влошување на мирот и стабилноста во Иран, кој во последно време станува клучен двигател на цената на нафтата.
Откако Иран ја запре продажбата на нафта на Франција и Велика Британија, Иран се закани дека истата судбина може да ги снајде и Германија, Шпанија, Италија, Грција, Португалија и Холандија, што би довело до најголемата нафтена криза во Европа некогаш. Оваа мерка на Иран е одговор на ембаргото што Европската унија го воведе врз иранската нафта, во рамките на заострувањето на санкциите кон Иран за спорната иранска нуклеарна програма. Поради оваа програма, и Јапонија, која важи за втор најголем потрошувач на иранската нафта, вчера најави намалување на увозот на нафта од Иран за 11 проценти.
Повеќе содржини од „Многу Пари“ од денеска - ТУКА.